Земјите од ЕУ на доброволна основа ќе распределуваат мигранти

26.06.2015 11:02

Неопходно е околу 40.000 мигранти кои се во Грција и Италија да се распределат во други европски земји. Додека останатите 20 илјади Сиријци кои живеат во кампови ќе бидат дислоцирани на европско тло...

Лидерите на Европска унија се договорија во следните две години на доброволна основа во повеќе земји од ЕУ да распределат 60 илјади мигранти. 

„Имавме долга дискусија за мигрантите. Моравме да најдеме нов европски консензус за проблемот со бегалците, воедно е потребна и солидарност. Неопходно е околу 40.000 мигранти кои се во Грција и Италија да се распределат во други европски земји. Додека останатите 20 илјади Сиријци кои живеат во кампови ќе бидат дислоцирани на европско тло“, изјави Доналд Туск, претседател на Европски Совет, доцна синоќа по состанокот со европските лидери.

Моменталната криза не ги засега само Грција и Италија, од почетокот на годината една третина од мигрантите се забележани во Унгарија, што е повеќе од тие во Италија.

Туск потенцираше дека мигрантите без легална дозвола за влез во Европска унија мора да бидат вратени.