60 илјади беглаци ќе се распределат низ земјите од ЕУ

26.06.2015 13:17

Лидерите на ЕУ се договорија во следните две години на доброволна основа, во повеќе земји од ЕУ да распределат 60 илјади мигранти. Претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск, соопшти дека министрите за надворешни работи ќе го финализираат договорот до крајот на јуни...

Лидерите на Европска унија донесоа времено решение за бегалците, најгорливиот проблем со кој се соочува Европа во моментов. Шефовите се договорија во следните две години на доброволна основа, во повеќе земји од ЕУ да распределат 60 илјади мигранти од Италија и од Грција. Претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск, соопшти дека министрите за надворешни работи ќе го финализираат договорот до крајот на јуни.

„Имавме долга дискусија за мигрантите. Моравме да најдеме нов европски консензус за проблемот со бегалците, воедно е потребна и солидарност. Неопходно е околу 40.000 мигранти кои се во Грција и Италија да се распределат во други европски земји. Додека останатите 20 илјади Сиријци кои живеат во кампови ќе бидат распоредени на европско тло“, нагласи Туск.

Италија и Грција, а особено Македонија и Србија, најмногу го почувствуваа бегалскиот бран и се соочија со голем проблем. Италија бараше поголема активност на Европската унија, откако неколку источноевропски земји го одбија планот за формирање квоти за примање на мигрантите. Договорот кој го постигнаа министрите, го врати оптимизмот кај италијанската влада.

„Постигнавме договор кој се нзаснова на предлогот на господинот Туск. Договорот е отворен и тој може да се надоградува. Распределбата на 40.000 бегалци е првиот чекор кој покажува дека има европска политика. И дека италијанскиот проблем е проблем и на Европа“, изјави Матео Ренци, премеир на Италија.

Според најновите податоци на Обединетите Нации, повеќе од 63 илјади мигранти од почетокот на годинава го минале Медитеранот и дошле во Грција, додека Италија примила 62 илјади бегалци.

Низ Македонија дневно кон Европа транзитираат над илјада бегалци за што во Собранието беше изменет Законот за азил, со што се подобрија условите за нивен транспорт.

 

Марија Петковска