Тргнува четвртфиналната програма
Двократните првенки од 2003-та и од 2007-ма досега немаат пораз на женското Светско фудбалско првенство и во своите редови ги имаат двете голгетерки на собирот Митаг и Шашиќ...

На четврфиналната мундијалска сцена во Канада, вечерва први ќе истрчаат Германија и Франција. Двократните првенки од 2003-та и од 2007-ма досега немаат пораз на женското Светско фудбалско првенство и во своите редови ги имаат двете голгетерки на собирот Митаг и Шашиќ, кои досега постигнаа по пет погодоци. Со оглед дека Французинките загубија од Колумбија во групната фаза, Германките важат за фаворитки, но „триколорките“ на последниот шампионат играа во полуфиналето и беа подобропласирани од денешните противнички. Со евентуална победа, Германија ќе остане на патот кон четвртото финале. Покрај двете добитни, тие загубија во битката за злато во 1995-та. Франција досега нема настап во мундијалско финале.
За разлика од натпреварот во Монтреал, во четврфиналето во Отава, по полноќ по наше време, ќе се соочат две селекции со учество во финални мечев на светските првенства. Американките се апсолутни фаворитки против Кина не само поради двата досегашни шампионски пехара, туку и затоа што на минатиот Мундијал пред четири години загубија од Јапонија во мечот за светскиот трон. Кинеските тешко ја минаа групата, но самодовербата ќе ја црпат од триумфот над Камерун во осминафиналето. Нивното финале во 99-та и полуфиналето во 95-та го оствари друга генерација, па на сегашната репрезентација е да ја потврди вредноста во конкуренција на најдобрите во светот.
Според натпреварувачкото стебло, првото полуфинале ќе го формираат победниците од средбите Германија – Франција и САД – Кина. Во другото ќе се пресметаат поуспешните од утрешните дуели Јапонија – Австралија и Канада – Англија.
