Со новите реформи ќе се надминуваат предизвиците од извештајот на Стејт-департментот

26.06.2015 16:56

Со новите реформи за европските интеграции ќе се справиме со предизвиците- ова е ставот на Владата за извештајот на Стејт-департментот во кој се нотирани забелешки за некои области...

Владеењето на правото, судството, медиумите, дискриминацијата – области во кои за Македонија, Стејт-департментот има забелелешки. „Предизвиците за човековите права ќе бидат надминати преку реформите за европските интеграции“ вели владиниот портпарол, Александар Ѓорѓиев. Според него, овој документ е дел од соработката со Соединетите Амеркиански држави, како стратешки партнер на земјава.
 
„Ние веруваме и сме убедени дека преку реформите кои се содржани во владиниот План за нови реформи за европските интеграции ќе успееме во следниот период да ги унапредиме капацитетите, амбиентот и состојбите за тие предизвици да бидат надминати, а во тој процес на напредок ќе продолжиме блиску и тесно да соработуваме со САД“, изјави Ѓорѓиев.
 
Во извештајот на Стејт- департментот се констатирани низа забелешки и во многу други држави, меѓу кои и членки на европската унија. За Грција е посочено дека владата им наметнува ограничувања на здруженијата на граѓани кои се идентификуваат како етнички Македонци. Во Бугарија, Чешка и Унгарија проблем претставува купувањето гласови на избори. Во Полска, Словенија, Хрватска, Данска и Шпанија се забележува дискриминација на етнички заедници и групи. Корупција е нотирана во Холандија, Германија и Италија. Американскиот државен секретар Џон Кери, вели дека секаде, вклучително и во САД, има простор за подобрување на состојбата со човековите права. 
 
„Пристапуваме кон ова со голема самосвест, но исто така разбираме и дека човековите права се проблем во секоја земја, вклучувајќи ги и САД, каде има место за подобрување. Патот до глобално почитување секогаш почнува дома“, изјави американскиот државен секретар, Џон Кери.
 
Документот на Стејт- департментот, 39-ти по ред има за цел да помогне во подигањето на свеста за почитување на човековите права и да ја поддржи работата на активистите.
 
 
 
Миле А. Ристески