Балканот - последен бедем на мигрантите пред европските граници

29.06.2015 10:19

Уште од рано изутрина се редат мигрантите да ги поднесат своите барања, но мораат да чекаат по неколку дена за патните дозволи...

Унгарска полиција со висока технологија на македонско-српската граница – 20 полицајци со четири мобилни термални камери се распоредуваат на жешките гранични точки, а наскоро ќе им се приклучат австриски и германски колеги. Наспроти високата технологија, човечката трагедија расте пред полициската станица во Прешево, неподготвена за приливот.

„Од Македонија пеш влегов во Србија. Четири дена патував до овде. Никаква помош, студеше, а немав јакна“, изјави Мигрант од Сирија.

Уште од рано изутрина се редат мигрантите да ги поднесат своите барања, но мораат да чекаат по неколку дена за патните дозволи. Пред да добијат помош од Обединетите Нации, вистинска главоболка за властите било како да ги нахранат. Лекари без граници помагаат со медицинска опрема, но и таа се троши брзо и инфекциите се шират.

„Повеќето се исцрпени поради долгото пешачење. Имаат загноени рани и бараат помош. Во клиниката во Ниш беа примени бремена жена и мајки со новороденчиња“, вели Агим Сабедини, лекар во центарот за помош.

„Тоа е поради долгиот пат што го минуваат пеш и недостатокот од хигиена додека патуваат. Погледнете околу себе“, изјави Стефан Моасенг, Лекари без граници.

Без план и договор за квотите во Европската Унија, мигрантите и земјите со најголем прилив се оставени да ги решаваат секој своите проблеми на свој начин.

 

Ивана Салтировска