Фудбал - Копа Америка (полуфинале)

Фудбалска војна меѓу Чиле и Перу

29.06.2015 13:07

Некои работи не се промениле ниту во ова модерно време, во пресрет на полуфиналето на 44-та „Копа Америка“, што ќе се одигра по полноќ во 1.30 по македонско време...

„Класико дел Пацифико“ е повеќе од обичен натпревар, тоа е најомразеното јужноамериканско фудбалско ривалство коешто датира уште од 19-от век и се поклопува со тогашната војната меѓу Чиле и Перу.  

Некои работи не се промениле ниту во ова модерно време, во пресрет на полуфиналето на 44-та „Копа Америка“, што ќе се одигра по полноќ во 1.30 по македонско време.

„Не очекуваме дека ќе бидеме пречекани со аплаузи, против нас нас ќе бидат 17 милиони Чиленци, но на Националниот стадион во Сантијаго нема да се појавиме со пиштоли. Ќе се фокусираме на фудбалот, на теренот ќе бидеме 11 против 11. Моите играчи ќе мора да се исклучат од она што ќе се случува на трибините и на крајот да ги принудат домаќините да не поздрават како финалисти“ изјави Гарека, селекторот на двојниот шампион, Перу.

Чилеанците се во еуфорија, очекуваат нивната репрезентација да го искористи домашниот терен, да влезе во петтото финале и конечно да ја освои првата титула. Сепак, селекторот Сампајо се обидува да го намали притисокот врз фудбалерите велејќи дека Перу офанзивно е поквалитетен од Уругвај.

По инцидентот со Кавани, стоперот на „Ла Роха’, Хара е суспендиран и за него првенството е завршено. Тоа ќе биде хендикеп за Чиле затоа што офанзивното трио на Перу се разигра, иако се очекува подзатворена варијанта, ветеранот Пизаро евентуално да остане на клупата, а напред да играат Гереро и Фарфан.

Вкупната традиција е на страната на домаќинот којшто во 77 дуели има дваесет победи повеќе, но на континенталните шампионати билансот е речиси израмнет, седум триумфи на Чиле, шест на Перу и исто толку нерешени. 

Чилеанците беа поуспешни во единственото полуфинале во 1979-та и во последните девет години или 10 натпревари имаат само еден пораз од Перу. 

Во второто полуфинале ноќта меѓу вторник и среда ќе игарат Аргентина и Парагвај.