НБРМ

Македонскиот банкарски сектор е стабилен, нема простор за паника!

29.06.2015 16:20

„Нема простор за паника, ниту опасност од прелевање на грчката криза во земјава“ - гувернерот Богов вели дека нема можност ни за одлив на капитал од Македонија...

Македонскиот банкарски сектор е стабилен. Нема простор за паника, ниту опасност од прелевање на грчката криза. Гувернерот на Народна банка ги расчисти дилемите. Двете банки во Македонија кои се со доминантен грчки капитал, а кои во вкупната актива учествуваат со 22%, имаат двојно повисока адекватност на капиталот од потребното.

„Ситуацијата во банките е редовна, нема повлекување на депозити, депонентите нормално работат, банките се отворени, банкоматите работат, секој може да подигне или да вложи пари без какво било одложување. Се работи најнормално и воопшто нема влијание ситуацијата во Грција“ – изјави Димитар Богов, гувернер на НБРМ.

Нашите банки во Грција немаат депозити, само во грчки подружници во други земји, но Централна банка веќе ги задолжи да ги повлечат и тие пари. Симболична е и вложената сумаво грчки хартии од вредност. Дополнително, според македонската  регулатива,  домашните банки не можат да се изложуваат кон матичните групации со повеќе од 10 проценти од капиталот, а за секоја изложеност кон земји со понизок кредитен рејтинг од Б-, резервациите изнесуваат 50%. Нема опасност, ниту можност за одлив на капитал од нашата земја – тврди гувернерот.

„Мерките кои ги донесовме се однесуваат и за банките и за компаниите. Компаниите не можат да вршат позајмици или вложувања во компании во Грција. Ова важи за сите правници лица од Македонија“, нагласи гувернерот Богов.

Граѓаните кои сакаат да подигнат пари од банкомат во Грција, можат да го сторат тоа согласно со лимитот утврден од нивната матична банка и за нив не важат поставените граници од јужниот сосед. Не се очекува ниту наплив на Грци кои би ваделе пари од наши банкомати.

„Грчките граѓани, кои имаат кредитни или дебитни картички издадени од грчки банки, за нив важат лимитите поставени од нивната банка. Ако во моментов им е ограничено на 60 евра дневно, тој лимит важи и за Македонија, што значи дека не им се исплати да доаѓаат во Македонија за да подигнат 60 евра од банкомат“, нагласува Богов.

Сепак, грчката криза се одрази кон економските односи со Македонија. Вкупните грчки инвестиции  во земјава изнесуваат 433 милиони евра, но од стартот на економските турбуленции инвестициите се сведени на минимум. Можна е и намалена побарувачка за нашите производи, што ќе се одрази на извозот.

 

Мартин Пушевски