Нема откажување на аранжманите за Грција
Нашите граѓани преферираат апартманско, наместо хотелско сместување, па оттаму, велат познавачите нема да има проблеми околу плаќањето. Проблеми може да има доколку ескалира состојбата и дојде до затворање на бензинските пумпи и трговските објекти...

Криза или не, македонците не ги откажуваат туристичките аранжмани за Грција. Нашите граѓани преферираат апартманско, наместо хотелско сместување, па оттаму, велат познавачите нема да има проблеми околу плаќањето. Проблеми може да има доколку ескалира состојбата и дојде до затворање на бензинските пумпи и трговските објекти.
Ден по одлуката на грчката влада да го ограничи износот на пари кои може да се подигнат од банките, туристичките агенции во земјава немаат откажани аранжмани.
„Слободно можам да кажам дека сето ова не влијае воопшто на уплатата на аранжмани за Грција. Денеска ние имавме и смена за Грција, и тоа на 9 ноќевања, така што нормално се одвиват и уплатите и смените на нашите аранжмани што ги имаме“, изјави Сузана Зелениковска, менаџер во туристичка агенција.
Искуството од минатите години зборува дека годишно во Грција летуваат околу 150 илјади македонци. Аранжманите масовно се продаваат како за летните месеци така и за вонсезонскиот период.
„Ова лето најголем број туристи бараат да одат на одмор во Грција. 70 проценти од капацитетите се продадени однапред“, изјави Славе Сирачевски, заменик претседател на Здружението за туризам и угостителство.
Владите на Велика Британија и на Германија веќе излегоа со препорака до нивните туристи да носат кеш пари со себе ако патуваат во Грција.
Анита Димитријевска
