Грција: Банките под клуч, банкоматите со лимит
Најавата за референдум за новите мерки за штедење ги затвори банките и ги испразни банкоматите во Грција...

Банките под клуч, а пред банкоматите редици граѓани, ова е денешната слика во грчката престолнина на која што и претходеше одлуката за распишување референдум на кој што грчките граѓани ќе одговорат дали се за или против новите мерки за штедење кои што ги барааат меѓународните кредитори.
Според анкетата што екипата на МРТ ја сними попладнево во грчката престолнина, се чини дека повеќето Грци ќе кажат „ОХИ“ на новите мерки за штедење што ги бараат меѓународните кредитори.
„Мислам дека е неопходно да имаме референдум, затоа што живееме во катастрофа. Никогаш не сум видел ваква ситуација со ова што тие го предлагаат. Мислам на оваа банда гангстери од Европа. Не знам дали се гангстери, но сигурно е дека се однесуваат така. Останете подалеку од Европската Унија, тое е една банда.“
„Мислам дека мерките што ги предлага Европа не се добри за нас.“
„Велам не за мерките. Мислам дека не се добри.“
„Не мислам дека мерките за штедење се толку лоши за нас. Мора да платиме, имаме проблеми со економијата. Нашите политичари се глупави, па мора да платиме за сето она што сега го бараат од нас“, велат жителите на Атина кои ги анкетираше МРТ.
Грчката Влада донесе одлука банките да останат затворени до оддржувањето на референдумот в недела, 5-ти јули, а воспоставена е и т.н. контрола на капиталот, со која што износот на средства што имателите на платежните картици може да го вадат се ограничува на 60 евра од ден.
Сепак, сето ова не важи за туристите и останатите во Грција кои што се иматели на дебитни или кредитни картици кои што се издадени во странска земја. Единствениот проблем со кој што тие би можеле да се соочат се испразнетите банкомати.
Во однос на плаќањето за стоки и услуги, највите се дека и натаму ќе се прифаќа електронско плаќање.
Со цел намалување на проблемите на граѓаните на грчката престолнина, минситерството за транспорт и врски донесе и одлука јавниот превоз од денеска па до оддржвањето на референдумот да биде целосно бесплатен.
Во синоќешното обраќање до нацијата, премиерот Алексис Ципрас уште еднаш ги обвини меѓународните кредитори дека имаат за цел да го уценуваат грчкиот народ и да ја опструрираат демократската процедура наречена „референдум“.
Екипата на МРТ и натаму останува одблизу да ги следи случувањата во грчката престолнина, во исчекување на епилогот од референдумот во недела.
Марија Котовска- постојан дописник од Атина за МРТ
