УЕФА Суперкупот 2017 во Скопје!!!
Иако официјалната потврда се чека утре, министерот за спорт на Русија, Виталиј Мутко, кој е член на Извршниот одбор на УЕФА, им ја довери информацијата на италијанските медиуми...

Скопје ќе биде домаќин на Суперкупот на УЕФА во 2017-та. На денешниот состанок во Прага, Извршниот комитет на европската куќа на фудбалот донел одлука со којашто и укажа голема чест на Македонија, но во истовреме им довери исклучително тешка задача на сите институции вклучени во овој голем проект.
Иако официјалната потврда се чека утре, министерот за спорт на Русија, Виталиј Мутко, кој е член на Извршниот одбор на УЕФА, им ја довери информацијата на италијанските медиуми. Без оглед на забелешките што ги имаше комисијата на УЕФА правејќи ја инспекцијата на арената „Филип втори“ и на сместувачките капацитети во нашиот главен град, сепак, УЕФА реши за две години отсега, во Скопје да играат европскиот првак и освојувачот на УЕФА Европа лигата. Тоа несомнено ќе биде најголемиот и најкомплексниот фудбалски и воопшто спортски настан којшто го организирала Македонија. Годинашното ќе биде 40-то издание на Суперкупот којшто се игра од 1972-ра. До 1998-ма имаше два натпревара, а оттогаш до 2012 се играше еден натпревар чиишто домаќин беше Монако. Откако УЕФА одлучи да го ротира, во 2013-та за престижниот трофеј европскиот првак и освојувачот на УЕФА Европа лигата се натпреваруваа во Прага, во 2014-та во Кардиф, годинава во Тбилиси, а наредната домаќин ќе биде Трондхајм. Во 2017-та Реал, Барселона, Челзи, Манчестер, Баерн, можеби и некој друг великан на светскиот фудбал ќе гостува во Скопје.
