Фудбал

Чиле финалист, Варгас е херојот

30.06.2015 11:22

Амбицираниот домаќин надмоќноста ја реализира во 42-та минута. Варгас погоди, предизвикувајќи ја првата еуфорија на исполнетиот Насионал стадион во Сантјаго...

Чиле го совлада Перу со 2:1,а Копа Америка го доби првиот финалист. Едуардо Варгас беше ковачот на победата, со која Чиле  влегува во завршниот чин од големата јужно-американска претстава.

Првиот влијателен момент од битката на „вечните непријатели“ беше во 20-та минута кога дефанзивецот Карлос Замбрано доби црвен картон, оставајќи ја перуанската селекција играчки нерамноправно да се бори против силниот  чилеански состав.

Амбицираниот домаќин надмоќноста ја реализира во 42-та минута. Варгас погоди, предизвикувајќи ја првата еуфорија на исполнетиот Насионал стадион во Сантјаго.

Перу, иако играчки и резултатски дефицитарен, не отстапи. Во 60-та минута стигна до израмнување со помош на Гери Медел, фудбалер од средниот ред на Чиле, кој ја погоди сопствената мрежа.

Но, шокот кој завладеа на трибините брзо беше заменет со нова експлозија на радост. Варгас од 20-тина метри вторпат го совлада перуанскиот голман Гаљезе, отворајќи  ја вратата на големото финале.

25-годишниот напаѓач на Наполи се крена на пиедесталот на национален херој, кој ја внесе својата земја во зоната на најпосакуваните јужно-американски почести. Во 99-годишната историја на Копа Америка, Чиле никогаш не стигнал до славеничка победа. А, беше финалист во 1955-та, 56-та, 79-та и 1987-та година.

По близу три децении, потомците на древните Инки, на 4 јули одново ќе истрчаат на Насионал стадионот во Сантјаго со желба  и надеж конечно да се искачат на фудбалскиот врв.

На тој пат ќе се испречи подобриот од ноќешната пресметка во Консепсион меѓу Аргентина и Парагвај.