Официјално!

30.06.2015 13:31

Македонија доби огромна чест, но и исклучително одговорна задача да организира настан според највисоките критериуми...

Скопје ќе биде домаќин на Суперкупот на УЕФА во 2017-та. Без оглед на забелешките што ги имаше комисијата на УЕФА правејќи ја инспекцијата на арената „Филип втори“ и на сместувачките капацитети во нашиот главен град, сепак, УЕФА реши за две години отсега, во Скопје да играат европскиот првак и освојувачот на УЕФА Европа лигата.Тоа несомнено ќе биде најголемиот и најкомплексниот фудбалски и воопшто спортски настан којшто го организирала Македонија. Извршниот комитет на европската куќа на фудбалот ја донесе одлуката на вчерашната седница во Прага, а на денешната прес-конференција ја соопшти генералниот секретар Џани Инфантино. Со тоа Македонија доби огромна чест, но и исклучително одговорна задача да организира настан според највисоките критериуми.

Годинашното ќе биде 40-то издание на Суперкупот којшто се одржува од 1972-ра. До 1998-ма имаше два натпревара, а оттогаш до 2012 се играше еден чиишто домаќин беше Монако. Откако УЕФА одлучи да го ротира, во 2013-та за престижниот трофеј, европскиот првак и освојувачот на УЕФА Европа лигата се натпреваруваа во Прага, во 2014-та во Кардиф, годинава во Тбилиси, а наредната домаќин ќе биде Трондхајм. На почетокот на август 2017-та Реал, Барселона, Челзи, Манчестер, Баерн, можеби и некој друг великан на светскиот фудбал ќе гостува во Скопје.