Поевтинува струјата за 0,33%

30.06.2015 16:19

Пониски цени на струјата со јулските сметки. Регулаторната комисија ја поевтини електричната енергија за 0,33 проценти, по анализата за помали трошоци на компаниите...

Јулските сметки за струја, што ќе пристигнат во август, ќе бидат пониски. Регулаторната комисија ја намали цената за крајните потрошувачи во просек за 0,02 денари, односно за 0,33%. Корекцијата е различна за производството, дистрибуцијата и за преносот. Намалувањето на вкупните приходи и на трошоците на трите енергетски компании во однос на лани беа причините за поевтинувањето.

„Внатре во структурата на цените меѓу производство, пренос, пазар, дистрибуција и снабдување, ја имаме следната распределба. Имаме минимално зголемување кај  ЕЛЕМ за 0,34 %, кај МЕПСО вкупната тарифа се намалува за 6,88% и кај ЕВН вкупната тарифа се намалува за 1,33%“, изјави Димитар Петров, претседател на Регулаторна комисија за енергетика.

Постапката била транспарентна и компаниите, секоја поединечно пред Комисијата ги презентирале трошоците и приходите, врз чија основа се креира крајната цена, тврди  Петров.

Најголема реализација на планираните зафати, над 90%, имала ЕВН. Забелешките на компаниите се однесуваат на неприфаќање на вкупните износи кај другите услуги. Станува збор за ангажирање надворешни компании, а негативно се одразило и намалувањето на бројот работници.

Петров најави корекции на одредени недоследности во методологијата со која се утврдуваат регулираните приходи на секоја од засегнатите компании.

Од секоја наплатена сметка, најголем дел 50,6% ќе добива ЕЛЕМ. ЕВН ќе инкасира 44,16%, а МЕПСО 5,24%.  

 

Свето Николовски