1.340.000 евра поддршка за младите земјоделци

30.06.2015 16:59

По 10 илјади евра добиваат оние кои со бизнис план ќе аплицираат до Платежната агенција. Годинава финансиска поддршка е обезбедена за млади земјоделците од 44 општини. Најмногу апликати има од Пелагонискиот регион...

Расте интересот на младите земјоделци за финансиската помош од државата. По 10 илјади евра добиваат оние кои со бизнис план ќе аплицираат до Платежната агенција. Годинава финансиска поддршка е обезбедена за млади земјоделците од 44 општини. Најмногу апликати има од Пелагонискиот регион. Парите се исплаќаат според деловниот план на подносителот. Земјоделците средствата ги побаруваат за нови насади, набавка на нова механизација и развој на агробизнисот.

„Најголем дел од нив се сконцентрирани во пелагонискиот регион, но имаме покриеност и во полошкиот, кумановскиот, скопскиот и другите региони. Тие ги побаруваат овие средства од страна на државата во различни сегменти на земјоделското производство. Некои во рамки на овоштарството, пчеларството, некои за нови насади, нова опрема, модернизација на стопанството. Имаме една диверзифицираност што дава дополнителен квалитет на самиот процес“, изјави Александар Ѓорѓиев, портпарол на Владата на РМ.

За реализацијата на овој проект Владата годинава ќе додели 1.340.000 евра за поддршка на младите земјоделци. По 10 илјади евра ќе добие секој кој ги исполнува условите. Владата и следната година продолжува со финансиската помош за младите земјоделци. Апелираат до младите кои сакаат да ја искористат оваа мерка да се информираат и да почнат сопствен бизнис.

 

Сунчица Николовска