Суматра: Авион се урна врз хотел, најмалку 113 загинати
Очевидци тврдат дека авионот два пати мошне ниско прелетувал над хотелот. Третиот пат удрил во покривот од хотелот по што експлодирал...

Најмалку 113 луѓе загинаа кога авион од типот Херкулес Ц-130 се урна врз хотел во густо населена област во градот Медан, на Суматра. Во авионот имало 101 патник и 12 членови на екипажот. Шефот на воздухопловните сили на Индонезија потврдил дека нема преживеани. До сега биле извлечени повеќе од 50 тела. Очевидци тврдат дека авионот два пати мошне ниско прелетувал над хотелот. Третиот пат удрил во покривот од хотелот по што експлодирал. Луѓето изјавиле дека авионот имал проблеми уште пред да се урне и дека бил видлив црн чад. Медиумите јавија дека непосредно по полетувањето на пилотот му било наредено да се врати во базата поради технички проблеми.
Зградите во близина каде што се урнал авионот се тешко оштетени, а биле опожарени и повеќе автомобили. Леталото паднало во новоизградена станбена област и не е познато колку луѓе имало во зградите во моментот на несреќата. Шефот на локалната полиција изјавил дека возилата на итната помош едно по едно ги превезувале телата во болница.
Авионот се урнал по полноќ, само неколку минути откако полетал од аеродромот во Медан. Дел од медиумите прикажале видео снимка на која се гледа авионот во пламен. Ова е втора ваква авионска несреќа во последните 10 години во овој град. Во септември 2005 година Боинг 737 на Мендала Ерлајнс се урна набргу по полетувањето при што загинаа 150 лица. Медан има околу 3,4 милиони жители и е трет најнаселен град во Индонезија.
Марина Автовска
