САД очекуваат Грција да остане во еврозоната

01.07.2015 10:18

Поради кризата во Грција, Европа повторно во фокусот на интересот на САД. Официјален Вашингтон очекува Грција да ги спроведе потребните реформи и да остане во еврозоната. Односите меѓу САД и Бразил што беа нарушени поради скандалот со прислушувањето се подобруваат...

Соединетите Американски Држави внимателно ги следат случувањата во Грција и очекуваат земјата да остане во еврозоната. Сепак, акциите на Вол Стрит веќе бележат пад поради несигурноста во еврозоната.

„Во Стејт Департментот сме на мислење дека сите страни треба да работат заедно за да се доведе Грција на патот на продолжување на реформите и раст во еврозоната. Го следиме ова многу внимателно“, изјави Џон Кирбипортпарол на Стејт Департмент.

Бразилската претседателка Дилма Русеф не доби извинување од американскиот колега поради прислушувањето на нејзините телефонски разговори од страна на американската Национална безбедносна агенција. Посетата на Вашингтон е затоплување на односите меѓу САД и Бразил.

„Разговараа за широк опсег на прашања во Стејт Департмент како и во Белата куќа. Како да се продлабочи економската размена и трговските врски“, додаде Кирби.

Преговорите околу договорот за иранската нуклеарна програма се продолжени до 7 јули. САД ги осудија последните терористички напади во повеќе држави во светот.

Стејт Департментот наименува свој претставник којшто треба да го надгледува затворањето на затворот Гвантанамо во Куба.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ