Фудбал

Аргентина го разнесе Парагвај

01.07.2015 11:59

Полнењето на мрежата на несреќните Парагвајци го започна Рохо во 15-та минута по слободниот удар на Меси. Во 27-та минута Меси асистираше, а Пасторе имаше мајсторска реализација...

Најпосле блесна и Аргентина предводена од Меси. Капитенот на „гаучосите“ не постигна гол, но беше еден од инспираторите на величенствената победа над Парагвај со 6:1 и влез во големото финале на Копа Америка.

Полнењето на мрежата на несреќните Парагвајци го започна Рохо во 15-та минута по слободниот удар на Меси. Во 27-та минута Меси асистираше, а Пасторе имаше мајсторска реализација. Малку ведрина и надеж во депримираното параггвајско друштво внесе голот на Бариос во 43-та минута. Во завршницата од полувремето дури имаше можност и за целосно резултатско враќање.Но,сепак на стадионот во Консепсион тоа беше вечер на Аргентинците. Почетните тактови од вториот дел, се во изведба на Ди Марија.Зголемува на  3:1 по вештото додавање на  Пасторе.Во 53-та минута нов тајфун од лево, Ди Марија одново е беспрекорно прецизен. Но, тука не е крајот на страдањата на Парагвај. Расположениот Меси си поигрува како што сака со противникот, во 80-та минута беше сосема блиску, по цела вечност да постигне и гол! Проклетството остана, а на помош стигна Агуеро започнатото од капитенот да го заврши за 5:1.Сите освен Меси погодуваа, па и Игуаин, само две минути откако влезе во игра, во 83-та минута за конечни 6:1.Голема победа на фудбалскиот великан!

Аргентина после 8 години, по дебаклот од Бразил во Маракаибо во 2007-та со 3:0, одново е во финалето на Копа. Аргентинците од далечната 1993-та година безуспешно се обидуваат да ја обележат 15-та своја ѕвездичка на јужно-американското фудбалско небо.За 4-ти јули е закажан големиот натпревар против домаќинот Чиле на Национал стадионот во Сантјаго.

Многу примамливо финале!

Ден порано во Консепсион, Парагвај и Перу ќе го играат „неблагодарниот“ меч за третото место.