Грција одбројува до референдумот, Ципрас прави отстапки
Дали Грција е пред банкрот, откако синоќа до полноќ влада не успеа да ја плати ратата кон ММФ во износ од 1,6 милијарди евра. Премиерот Ципрас достави нов предлог план и побара заем од 29 милијарди евра, но според кредиторите за тоа е предоцна. Преку телефонска конференција министрите за финансии разговараат за предлогот...

Грците, а со нив и остатокот од светот, почнаа да ги одбројуваат деновите, часовите и минутите до одржувањето на рефрендумот в недела. За три дена, грчкиот народ ќе го каже својот став за мерките за штедење што ги бараат меѓународните кредитори. Од вчера започна да фукнционира и сепецијалната интернет страна "референдум 2015", а новинарските екипи беа повикани да се акредитираат.
„Грците мора да глaсаат со НЕ. Грците не може да страдаат веќе умираме. Не сакаме повеќе катастрофа. Нашите деца немаат млеко за пиење“, изјави граѓанка на Атина.
„Гладен сум од вчера. Немам јадено ништо од вчера“, вели граѓанин.
„Живееме како робови. Нешто мора да се смени во нашата земја“, додава друг.
Ова утро во грчката престолнина осамна со вистински хаос пред банкарските експозитури кои што ги отворија своите врати исклучиво за пензионерите. Според владината одлука, пензионерите кои што не користат платежни картици, од банките ќе можат да извадат најмногу до 120 евра неделно.
Вчера вечер на плоштадот Синтагма, пак, уште еднаш се одржа собир на про-европските поддржувачи, откако ден претходно, илјадници Грци излегоа на истиот плоштад за поддршка на владината политика.
„Ако Грција гласа со НЕ, тогаш следно е излегување на Грција од еврозоната и само лоши работи кои што не чекаат. Сиромаштија, социјални немири, луѓе на улиците и многу несигурност“, вели граѓанин на Атина.
Грчката Влада вчера уште еднаш повика на референдумот в недела да се гласа со НЕ доколку станува збор за неповолен договор. Ако мнозинството граѓани пак дадат зелено светло за условите на меѓународните кредитори, Ципрас најави оставка и предвремени избори.
Во меѓувреме германските, а по нив и руските медиуми, објавија протечени документи од ММФ според кои што Грција ќе остане во криза најмалку до 2030 година, дури и ако ги прифати мерките за штедење на кредиторите.
Според анализите од документите, доколку Грција се согласи на пакетот за зголемување на даноците и кратење на трошоците, таа сепак ќе се соочува со нестабилен долг дури и во 2030 година. Дури и ако Грција успее да го задржи растот од 4 проценти годишно во наредните пет години, националниот долг повторно ќе се искачува и ќе достигне 124 проценти од БДП, се вели во протечената анализа на ММФ.
Марија Котовска, постојан дописник од Атина за МРТ
