Самовработување: 500 невработени ќе отворат сопствен бизнис
Грант од над 200 илјади денари државни пари за 500 лица за почнување сопствен бизнис. Доделени сертификатите за завршена обука за самовработување. Дополнително ќе можат да се користат и поволностите од проектот „Македонија вработува“ и да се добијат ослободувања од плаќање придонеси од 3 до 5 години...

Вкупно 500 невработени добија можност да станат газди. Добија сертификати за успешно помината обука и за добар бизнис план, а ќе добијат и грант од над 200.000 денари за опрема и репроматерјали.
„Мојот бизнис е ’Лондри кафе’ кој нуди можност за автоматско прење на 10 килограмска облека, а додека чекате можете да ги користите кафе услугите, да пребарувате на интернет“, вели Оливера Костовска.
„Ќе отворам стоматолошка ординација каде ќе се самовработам и ќе вработам уште едно лице- стоматолошка сестра“, изјави Оливера Јанкуловска.
„Ќе отворам продавница со рачни ракотворби, рачно плетени работи, изработка на рачно правена чипка“, изјави Марија Јанева- Трајкова.
Годинава многу лекари пројавиле желба да работат во сопствени ординации, особено стоматолози.
„Имаме од секој домен, имаме луѓе кои ќе отворат продавници за здрава храна од сопствено производство, имаме луѓе кои ќе се занимаваат со филигран, фризери, кзметичари, лимари, автолимари, автомеханичари, автоелектричари...“, изјави Влатко Поповски, директор на Агенција за вработување на РМ.
„Дополнително ќе можат да ги користат и поволностите од проектот Македонија вработува и да добијат ослободување од плаќање придонеси од 3 до 5 години“, изјави министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.
Според податоците, за 7 години се формирани околу 7.000 приватни компании. 70 проценти од нив работат успешно, додека секоја петта компанија го има зголемено бројот на вработените. Во октомври годинава 460 ќе добијат можност да се вработат преку оваа мерка.
Наташа Јанчиќ
