САД- Куба: Ново поглавје

01.07.2015 16:17

Вашингтон и Хавана го отворија новото поглавје со кое ставаат крај на 5-децениската Студена војна. Неименуван дипломат за Би Би Си изјави дека денеска владите на двете земји ќе го објават отворањето на амбасадите со што почнува и официјално да се реализира нормализацијата на односите што ја постигнаа на ланскиот историски состанок претседателите Раул Кастро и Барак Обама, што ќе биде потврдено на прес-конференцијата на американскиот претседател во Белата Куќа...

Ако се знае дека од Ки Вест на Флорида до брегот на Куба има само околу 150-на километри морска линија, тогаш, со затоплувањето, американско- кубанските односи ја менуваат геополитичката карта на Средна Америка и Карибите. Комунистичката земја на Фидел, со економските реформи, пред се во областа на сопственоста не остана незабележана од администрацијата на Обама. Се повлекоа низа потези. Најпрвин, Куба им дозволи непречен влез на американските туристи, беа укинати меѓусебните визи, а потоа Вашингтон ја симна земјата на шеќерната трска од листата држави- спонзори на тероризмот. Вчерашната објава на државниот секретар Кери за назначување специјален пратеник за затворање на спорната база Гвантанамо, затворот на Вашингтон за терористите, пред се на Ал Каеда, беше вовед кон отворањето на амбасадите.  

„Сепак ова е процес, ова е еден од почетните чекори, повторно воспоставување на дипломатските односи преку отворање амбасади. Тогаш следуваат разговори и треба да се работи на останатите прашања, како што се ембаргото, враќањето на одземените имоти, ги има повеќе“, изјави Марк Тонер, заменик портпарол на Стејт Департмент.

И точно е дека нормализацијата нема да оди лесно. Едно од прашањата што Вашингтон сигурно ќе го постави е почитувањето на човековите права, за што Хавана обично молчи. Тешко ќе се одвива и убедувањето на мнозинството Републиканци во Конгресот кои се против укинување на трговското ембарго. Но, во сиромашната комунистичка Куба која по се изгледа ќе го следи политичкиот пример на Кина парите се и повеќе од потребни. Исто како и многубројните американски туристи, меѓу нив и многумина поранешни кубански емигранти. 

„Моето семејство е сеуште на Куба. Семејствата не смеат да бидат раздвоени“, вели американски турист.

„Куба е нашиот сосед и со ова добро ќе се разберат кубанците како народ“, додава друг.

Во Куба се бара апартман повеќе, но не само за одмор туку и за трајна сопственост.

„Нема да ги зголемам цените на сместувањето, иако другите рентиери тоа го бараат“, вели Еугениа Борбола, жителка на Хавана.

„Има недостиг од недвижнини за купување, се бараат дури и куќи кои датираат од 1920-та“, изјави Оскар Торес Јелва, сопстевник на агенција за недвижнини.

Туризмот е адутот на Куба. Бисерно тиркизните, недопрени плажи во првата половина од годинава донесле околу 2 милијарди долари, а бројот на туристите ќе достигне на 4 милиони во 2015-та.

 

Зоран Богатинов