Ципрас ја отвора вратата за компромис
Грчките банки денеска ги отворија вратите, но само за пензионерите кои можеа да подигнат по 120 евра. Земјата ги брои деновите до референдумот, закажан за в недела. Во меѓувреме, откако Грција не му ги врати парите на Меѓународниот монетарен фонд, пристигнуваат информации дека премиерот Цирпас е подготвен за постигнување договор...

Грчкиот премиер Алексис Ципрас е поготвен за постигнување на договор, доколку меѓународните кредитори ги прифатат барањата на грчката влада. Во писмо упатено до Тројката, Грција побара неколку промени во рамките на условите што се бараат од нив. Сепак, грчката Влада вчера уште еднаш ги повика граѓаните на референдумот в недела да се гласа со НЕ доколку станува збор за неповолен договор.
А, според последната анкета спроведена од грчките медиуми, се чини дека на референдумот ќе доминира одговорот НЕ за мерките за штедење, иако ваквото расположение бележи пад по затворањето на банките.
Грците, а со нив и остатокот од светот, веќе почнаа да ги одбројуваат деновите, часовите и минутите до одржувањето на референдумот. За три дена, грчкиот народ ќе го каже својот став за мерките за штедење што ги бараат меѓународните кредитори.
„Грците мора да глaсаат со не. Грците не може да страдаат повеќе“, вели граѓанин на Атина.
„Нешто мора да се смени во нашата земја“, додава друг.
Ова утро во грчката престолнина осамна со вистински хаос пред банкарските експозитури кои што ги отворија своите врати исклучиво за пензионерите. Според владината одлука, пензионерите кои што не користат платежни картици, од банките ќе можат да извадат најмногу до 120 евра неделно.
Вчера вечер пак, на плоштадот Синтагма, уште еднаш се одржа собир на про-европските поддржувачи, откако ден претходно, илјадници Грци излегоа на истиот плоштад за поддршка на владината политика.
„Ако Грција гласа со НЕ, тогаш следно е излегување на Грција од еврото и само лоши работи кои што не чекаат. Сиромаштија, социјални немири, луѓе на улиците и многу несигурност“, вели граѓанин.
Во меѓувреме германските, а по нив и руските медиуми, објавија протечени документи од ММФ според кои што Грција ќе остане во криза најмалку до 2030 година, дури и ако ги прифати мерките за штедење на кредторите.
Дури и ако Грција успее да го задржи растот од 4 проценти годишно во наредните пет години, националниот долг повторно ќе се искачува и ќе достигне 124 посто од БДП, се вели во протечената анализа на ММФ.
Екипата на МРТ и натаму останува од близу да го следи развојот на настаните и одбројувањето до референдумот в недела.
Марија Котовска- постојан дописник од Атина за МРТ
