Грција технички во Банкрот, Еврогрупата на итен состанок

01.07.2015 16:26

Развојот на ситуацијата во Грција будно се следи и во Брисел, откако Грција стана единствената европска држава која не успеала навреме да се раздолжи кон монетарците. Министрите за финансии на еврозоната повторно на разговори за последниот предлог на Ципрас...

Грција вчера по полноќ го пропусти крајниот рок за исплата на 1,6 милијарди евра од долгот на ММФ, со што технички влезе во банкрот, или како што европските преставници велат од утринава ова е првата  европска држава која е заведена во регистарот на држави во долгови, заедно со Судан, Конго, Сомалија и Замбија.

Од ММФ велат дека нема начини веднаш да се санкционира Грција. Можат да се изречат мерки, но како што пред неколку дена истакна шефицата на ММФ, Кристин Лагард, вратата за натамошни разговори со Атина не е затвроена. Токму затоа и покрај изминатиот рок за денес закажан е конференциски состанок на Еврогрупата, на кој ќе бидат поднесени нови предлози за кои ќе се дискутира.

Засега нема официјални информации дали работите се поместиле од мртва точка. Еве што изјави претседателот на ЕК, Јункер во врска со тоа.

Ако имам нешто ново за Грција, ќе закажам прес конференција“, изјави Жан Клод Јункер, претседателот на Европската комисија.

Повеќе од очигледно е дека ЕУ барем засега не сака да дискутира за развојот на ситуацијата и како тоа ќе се одрази на европската економија.

Познато е дека доцна синоќа грчкиот премиер Ципрас понудил откажување од референдумот во замена за продолжување на преговорите, но со изменети услови, како на пример специјален попуст од 30 отсто за грчките острови, одложување за неколку месецана, поместување на старосната граница за пензионирање од 67 години, вклучително и нов пакет помош за стабилизација во вредност од 30 милијарди евра, со кој би ги враќале долговите во период од 2015-та до 2017-та.

 

Марина Стојанова- Тонева, постојан допсиник од Брсел за МРТ