Трагедија кај Филипните: Потона ферибот со 173 патници
Досега се пронајдени телата на 36 жртви. Спасувачките тимови успеле да им помогнат на десетици. „Ким Нирвана“ бил на 200 метри од пристаништето во Ормок, но, екипажот не успеал да се справи со лошото време...

Уште една поморска трагедија на полн траект – Ким Нирвана со 173 патници и членови на екипажот, меѓу кои и деца и бремени жени, се преврте во немирни води кај брегот на островот Лејте на Филипините. На видик од брегот се удавија најмалку 36 луѓе. Спасени се околу 100 патници, а уште 26-мина се водат како исчезнати.
„Некои се држеа за трупот на превртениот брод, а некои беа спасени додека пливаа кон брегот“, раскажува Сириако Толибао од Канцеларијата за справување со ризици.
Завиткани со ќебиња и во шок, патниците, главно фармери кои носеле стока на островските пазари, чекаат помош од медицинските екипи. Од морнарицата на Филипините соопштуваат само дека е во тек операција за спасување, но не даваат дополнителни детали.
Локалните медиуми шпекулираат за грешка на екипажот или проблем со дрвениот брод бидејќи морето се смирувало после не многу големо невреме. Траектот пловел кон централните острови во провинцијата Себу, но за сега не се знае дали причината за несреќата се лошите временски услови.
Луѓето од Филипините често се потпираат на траектите за превоз до многуте острови, но бродовите често се лошо одржувани, што води до стотици смртни случаи на море секоја година.
Ивана Салтировска
