Грција: Државниот врв бара народот да гласа против мерките за штедење

02.07.2015 16:36

Грчката влада ја продолжи кампањата да ги убеди граѓаните на реферндумот в недела да гласаат против мерките за штедење предложени од кредиторите. Премиерот Ципрас тврди дека негативниот одговор не значи дека земјата ќе излезе од еврозоната. Министерот за финансии најави оставка ако мнозинството граѓани одговорат ДА...

Грчкиот народ да се обедини и в недела да гласа со НЕ за барањата на Тројката, за во понеделник грчката влада на преговори да побара подобри услови во интерес на граѓаните. Ова е јасната порака на грчкиот државен врв, на помалку од три дена до одржувањето на референдумот на кој што Грците ќе го дадат својот одговор на мерките за штедење што ги бараат меѓународните кредитори.

Ве повикувам да ми се придружите во велењето НЕ за меморандумите кои што ја уништуваат Европа, беше пораката на грчкиот премиер Алексис Ципрас во вчерашното обраќање до нацијата. Со идентична порака излезе и претседателката на грчкиот Парламент, Зои Констандопулу, нагласувајќи дека потврден одговор на референдумот ќе значи ДА за понатамошни кратења на платите и пензиите, ДА за сервилноста и ропството и ДА за невработеноста и распродажбата на државниот имот. 

НЕ ќе значи НЕ за антидемократските тактики и практики. НЕ за  уцените и ултиматумите. НЕ за вештачките рокови. НЕ за задушувањето на народот и затворањето на банките. НЕ за поробувањето на земјите членки од страна на други земји членки“, изјави Зои Констандопулу претседател на Парламентот на Грција.

Министерот за финансии Јанис Варуфакис на својот блог наброја шест причини зошто треба да се гласа со НЕ, а со иста порака преку соопштение се огласи и владиниот портпарол Гаврил Сакеларидис, нагласувајќи дека актуелната грчка влада се бори поротив ново намалување на пензиите и за оданочување на богатите.

5 годишните меморандуми доведоа до кратење на пензиите за 14 милијарди евра, што се чини дека не беше доволно за кредиторите и Тројката. Тие сакаа уште. А затоа што владата ги оданочи богатите наместо да крати пензии, некои сметаа дека е неопходно да се затворат банките. Но, како што минува времето, се повеќе и повеќе луѓе ја перцепираат реалноста. Се повеќе и повеќе го совладуваат стравот и ги затвораат  ушите  пред невидената пропаганда, се вели во соопштението на Сакеларидис.

Грчкиот државен врв им порача на граѓаните да не наседнуваат на пропагандата според која што гласањето со НЕ ќе значи излез на Грција од Еврозоната, нагласувајќи го фактот дека негативен одговор на референдумот ќе значи можност за грчката влада да бара подобри услови од меѓународните кредитори.

 

Марија Котовска- постојан дописник од Атина за МРТ