ЕУ- Грција: Замрзнати преговори, се чека референдумот
Министите од еврозоната ги одложија сите дискусии во врска со грчката должничка криза до завршувањето на референдумот в недела. Со истек на претходниот договор за спас, земјата веќе нема пристап до милионите евра од европските фондови...

Европа ги замрзна преговорите со Грција. Ќе се чекаат резултатите од референдумот. Ова е пораката на лидерите на државите членки на унијата по вчерашниот конференциски состанок на Еврогрупата кој не ги даде посакуваните резултати.
„Нема да има разговори во наредните денови меѓу Еврогрупата, грчките власти и останатите институции за нови предлози или пак финансиски аранжмани“, изјави претседателот на Еврогрупата, Јерон Дијселблом.
Тој јасно истакна дека оваа одлука е последица на ставот на грчката влада „НЕ“ за предлозите на ЕУ. Имено и покрај најавите за евентуални остапки од страна на грчките власти во минута до 12, синоќа Ципрас се изјасни дека грчкото „НЕ“ на референдумот во иднина може само да ја зајакне позицијата на Грција во преговрите со меѓународните институции.
Сепак на површина излегоа и несогласувањата меѓу државите членки во врска со оваа одлука. Францускиот претседател Франсоа Оланд изјави дека договор мора да се постигне пред недела со цел да се избегне политичката несигурност, и додаде дека должност на сите членки е да дадат максимум како Грција би се задрзала во еврозоната. Не посочувајќи никого конкретно, францускиот претседател рече дека „сега не е време за вето и непопустливи изјави“.
Аналитичарите оценуваат дека оваа изјава се однесувала на цврстите позиции на германската канцеларка Ангела Меркел која со цел да ги ублажи тензиите со остнатите европски држави кои никако да излезат од економската криза, била децидна во однос на прекинување на преговорите со Грција до недела.
Марина Стојанова- Тонева, постојан дописник од Брисел за МРТ
