Почнува фестивалот „Пеце Атанасовски“ во Прилеп
Вечер со дефилето на 300 учесници од Македонија, Русија и од Србија, во Прилеп почнува 41 фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“. Утре на Рудина кај Долнени ќе одекне богатиот македонски изворен мелос. Ќе го поздрави претседателот Ѓорге Иванов...

Продолжува зачувувањето на изворниот македонски фолклор. Денес и утре во Прилеп и на Рудина кај Долнени ќе одекнат изворните песни и инструменти- тапанот, гајдата, кемането, зурлата. По 41 пат се одржува фестивалот „Пеце Атанасовски“.
Преку 300 учесници од Македонија и од Русија и Србија во двата фестивалски дена ќе потсетат дека македонскиот традиционален мелос живее, пренесувајќи се од колено на колено. Фестивалот вечер ќе го отвори дефилето на учесниците.
„Фетивалот за народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“ е на прво место, пред другите фестивли бидејќи како расадник на таа наша култура, секогаш почнува со нови содржини кои се пренесуват и кај другите фестивали во републикава“, вели Родна Величковска, уметнички директор на Фестивалот.
Трибината за улогата на Фестивалот во зачувувањето на богатиот македонски фолклор ќе ја потврди целта- да продолжи изворната традиција.
„Навистина целта е постигната. Ова изворно свирење и пеење, ќе навлезе во институциите на образованието. Повеќе од 10 години е навлезено во средните училишта и на Факултетите се изучуваат изворното свирење и пеење, а етнокореолозите ги изучуваат традиционалните танци во македонија“, вели Илчо Јованов, претседател на советот на Фестивалот.
Рудина кај Долнени, лулката на македонскиот изворен мелос, е подготвена утре да ги пречека учесниците. Фестивалот таму ќе го поздрави претседателот Ѓорге Иванов.
„Рудина е подготвена за почетокот на оваа манифестација. Со идеја сме, догодина, со средства од Пелагонискиот-плански регион партерно да се уреди тој простор“, изјави Боше Милошески, градоначалник на Долнени.
Во четирите децении на оваа единствена национална менаифестација за изворниот мелос настапиле преку 9. 000 изведувачи од земјава и од речиси сите континенти.
Елизабета Митреска
