Македонија-САД: Континуирани пријателски и партнерски односи

03.07.2015 15:01

Во континуитет, пријателски и партнерски односи меѓу САД и Македонија. На вчерашната прослава во Американската амбасада, амбасадорот Бејли потсети дека соработката се одвива на политичко, економско, но и на воено поле. Претседателот Иванов по повод 4-ти јули, упати честитка до американскиот претседател Обама во која подвлече дека застојот на евроатланската интеграција на Македонија е политичко-безбедносно прашање...

Одамна заслуженото полноправно членство на Република Македонија во НАТО, натамошната интеграција во Европската Унија, стабилноста и просперитетот на регионот, продлабочувањето на регионалната соработка и унапредувањето на добрососедските односи, се највисоки приоритети но и предизвици на нашата надворешна политика, посочува претседателот Иванов. Односите со САД за нас се исклучително значајни, а заложбата за нивното натамошно зацврстување е од посебен интерес за државата и за граѓаните, вели Иванов, потенцирајќи ја континуираната и силна поддршка на сад за остварување на нашите стратегиски цели.

„Имајќи ги предвид бројните безбедносни закани за регионот, пролонгираната статус кво состојба во евроатлантската интеграција на Република Македонија веќе не е само политичко туку и безбедносно прашање. Затоа, искрено се надеваме на вашата лична поддршка и поддршката од Соединетите Американски Држави во насока на добивање на заслуженото полноправно членство во НАТО“, вели претседателот Иванов.

Годинава славиме 2 децении од воспоставувањето дипломатски односи меѓу САД и Македонија, се потсетуваме на нашето партнерство и достигнувања, истакна синоќа на прославата по повод Денот на американската независност, амбасадорот Бејли.

„Зад нас имаме значајни достигнувања - од официјалниот почеток на нашите односи во 1995 година, преку нашата декларација за стратешко партнерство и соработка од 2008, се до нашето колективно дејство да се соочиме со предизвиците на денешнината“, изјави американскиот амбасадор Џес Бејли.

Равојот на демократијата е од клучно значење за напредокот на државата, порача американскиот амбасадор.

 

Милчо Велески