Убиен еден од мозоците на Исламска држава

03.07.2015 15:55

Пентагон денеска ја потврди информацијата оценувајќи дека ова е голема победа врз ИСИС. Американските власти соопштија дека џихадистот бил главен лобист за собирање финансии, транспорт на оружје, агитирање на нови доброволци...

Тарик Ал Харзи познат како „Емир на бомбашите самоубијци“ загинал на 16-ти јуни во воздушните напади на коалициските сили во Сирија. Пентагон денеска ја потврди информацијата оценувајќи дека ова е голема победа врз ИСИС. Американските власти соопштија дека џихадистот бил главен лобист за собирање финансии, транспорт на оружје,  агитирање на нови доброволци, а учествувал и во тренинг камповите каде што се подготвувале екстремистите. Организирал и испорака на оружје за Сирија и Либија. Според информациите тој бил главниот организатор на нападите во Либија и Тунис. За него била распишана награда од 300.000 долари.

Но, светот и натаму стравува која е следната цел на џихадистите. По терористичките напади во Кувајт, при што беа убиени 27 верници во џамија, Исламска држава се закани со нови, овој пат врз верски објекти во соседен Бахреин. Владата во Манама организирала состанок на највисоко ниво со сите верски лидери, а мерките за безбедност се подигнати на највисоко ниво. Во меѓувреме Хјуман рајтс воч соопштија дека во нападите на Исламска држава во Сирија во минатиот месец загинале повеќе од 260 цивили, а речиси исто толку се повредени. Граѓани сведочат за страшни сцени.

„Слушнав пукање, група вооружени мажи стрелаа кон сите кои ќе ги забележат. Една жена гледаше како и го убиваат мажот. Бевме исплашени и се молевме и нас да не не убијат.“

Освен што цели на човечки жртви Исламска држава уништува и вредно културно наследство. Деновиве во античкиот град Палмира од мапата снема антички статуи и артефакти од првиот век.

Марија Петковска