Заштитете се: Арамиите не одмараат во лето!

03.07.2015 16:14

Полицијата укажува каде најмногу се греши. Ги советува граѓаните да не постираат на својот Фејсбук профил информации од местото каде што отпатувале, бидејќи овие информации брзо стигаат до крадците, парите да ги чуваат во банките, а влезните врати да ги обезбедат...

Пари, злато-  пленот на крадците достигнува и до неколку илјади евра. Арамиите не одмораат за време на летните одмори - тогаш се најактивни. Додека сопствениците се сончаат на некоја плажа, тие насилно влегуваат во нивните домови и ги земаат највредните работи. Граѓаните се свесни за ризиците.

„Клучот на врата, инаку како би се заштитиле, немаме ние обезбедување... Има кражби, се случуваат, најверојатно се некои организирани групи... Ако го фатиме преку ден, ќе му се спротивставиме, а ноќе ако дојде со пиштол, што ќе му правиме...“, велат граѓаните кои ги анкетиравме.   

Полицијата укажува каде најмногу се греши. Ги советува граѓаните да не постираат на својот Фејсбук профил информации од местото каде што отпатувале, бидејќи овие информации брзо стигаат до крадците, парите да ги чуваат во банките, а влезните врати да ги обезбедат. 

„Да ги известат пријателите или блиските дека во одреден период од годината во летниот период нема да бидат тука и некој од нив да внимава на нивниот стан или куќа. Сега има и агенции што вршат видеонадзор на одредени подрачја, можат да се искористат и нивните услуги“, советува Ристо Јовановски, инспектор во одделение за превенција- СВР Скопје.

Најмногу кражби се случуваат во Скопје. Но, статистиката покажува дека лани бројот се намалил за третина.

Најчесто разбојниците и се познати на полицијата. Тоа се, велат, лица кои го повторуваат делото, некои од нив се специјализирани да крадат по станови и куќи, а други пак за обивање автомобили.

Главна цел на разбојниците се пари и златен накит. Таков беше случајот и со жител на Драчево кој имаше богат плен откако запознал девојка чии родители заминале на одмор. Украл уникатен предмет проценет на 600 илјади евра. Сега е в затвор за издржување казна од претходни кражби.

 

Андријана Атанасовска