Крвав поход на Боко Харам во Нигерија
За време на молитва во џамија убиени стотина луѓе. Апоред Амнести интернешанл, од 2009-та, озлогласената организација извршила масакр на 17 илјади нигеријци...

Убиени во џамија, среде молитва за Рамазан – околу 150 муслимани беа цел на последните два масакри на Боко Харам. Речиси 48 часа беа потребни веста да стигне од оддалечениот дел на североисточната нигериска држава Борно. Во селото Кукава муслиманите го славеле светиот месец кога екстремистите упаднале во џамијата. Масакрирани 97 луѓе, меѓу кои жени и деца, не се знае колкумина застрелани, а на колку им биле пресечени грлата. Не може да се добие точна информација од луѓето што бегаат во паника или ги носат мртвите и повредените со колички.
Џамијата во градот Монгуно била целта на другиот напад. Ги чекале да ја завршат молитвата, а потоа ги застрелале мажите, а жените ги пуштиле да заминат. „Не поштедија никого. Некои од терористите чекаа и ги запалија телата, а другите одеа од куќа до куќа и ги убиваа жените кои подготвуваа храна“, раскажуваат очевидците. Градот пред само еден месец беше цел на бомбашки напад во кој загинаа 23 луѓе за време на прославата за неговото ослободување од Боко Харам.
„Се молам ова да не се случи повторно. Секој ден се молам за тоа – да не се случи повторно овде“, изјави Емануел Суну Јакуб, локален жител.
Политичарите од регионот велат дека Боко Харам неодамна биле протерани и не го контролираат тој дел од територијата, но се кријат во шумата и ги напаѓаат селата оддалечени од центрите на власта. Групата се уште држи во заложништво многу жени и деца, меѓу кои и 219-те девојки киднапирани минатата година, за дел кои неодамна се дозна дека се борат во редовите на Боко Харам, на страната на Исламска Држава.
Ивана Салтировска
