Ципрас: Грција ќе одлучи за својата иднина

05.07.2015 13:18

Никој не може да ја игнорира пораката на одлучност на народот кој ја зема судбината во свои раце, рече Ципрас откако гласаше на референдумот во основното училиште „Димотика“ во Атина...

Грчкиот премиер Алексис Ципрас денеска изјави дека неговата презадолжена земја е одлучна во тоа да донесе одлука за сопствената судбина во еврозоната, бидејќи граѓаните ќе се изјаснат на вонредниот референдум што го свика за денеска.
 
Никој не може да ја игнорира пораката на одлучност на народот кој ја зема судбината во свои раце, рече Ципрас откако гласаше на референдумот во основното училиште „Димотика“ во Атина.
 
На гласачкото место Ципрас беше дочекан со овации и повиците „Охи, охи" (не,не).
 
Доаѓањето на Ципрас на гласање го следеа голем број новинари од Грција и целиот свет, па затоа настана голема турканица при неговото доаѓање и заминување од биралиштето.
 
Во Грција денеска околу 10 милиони Грци се изјаснуваат на референдум за предложената спогодба со доверителите, која предвидува дополнителни рестриктивни мерки на штедење во замена за финансиска помош за спасување на економијата.
 
Избирачките места беа отворени утринава малку по седум часот по локално време, а граѓаните ќе можат да гласаат до 19 часот.
 
Првите прелиминарни резултати, како што е најавено, ќе бидат објавени околу 21 часот.