Реакции по грчкото НЕ: Национализам пред европеизам

06.07.2015 10:12

Национализмот пред европеизмот! Вакви се првите оценки на Брисел, Берлин, Париз по вчерашното фијаско на Европската идеја поврзана со мерките на штедење по реферндумот во Грција. Паѓаат и првите политички жртви, си заминува Самарас, поборник на соработката со Унијата, но Европската унија постави и ултиматум за натамошни преговори, Варуфакис не е посакуван соиграч. Грчкото НЕ направи потрес на светските берзи, а Оланд и Меркел денеска во Париз имаат итен состанок...

По големото грчко ОХИ на референдумот, паднаа и првите оставки. Екс премиерот Андонис Самарас го напушти челното место на Нова Демократија на барање на членството по големиот пораз на неговото лоби за Грција во Еврозоната.

„Очигледно е дека на нашата партија и е потребен нов почеток. Си давам оставка на челото на Нова Демократија“, изјави Андонис Самарас, лидер на Нова Демократија.

Неочекувано оставка си даде и министерот за финансии Варуфакис. Откако обезбеди НЕ на гласањето, објави - „Брзо по објавувањето на резултатите, ми дадоа на знаење дека некои партнери од Еврогрупата го претпочитаат моето отсуство на нивните средби“. Се уште не се знае дали оставката на Варуфакис е прифатена, но како што соопшти на интернет, премиерот Ципрас оценил дека тоа може да биде корисно за постигнување договор со кредиторите. Додека синоќа на плоштадот Синтагма се славеше со сиртаки, премиерот Ципрас порача дека Грците направиле храбар избор и се враќаат на преговорите со капиталот постигнат по изјаснувањето.

„Со денешниот историски и храбар избор Грчкиот народ одговори на вистинското прашање и го смени дијалогот во Европа. Грците не одговараа „евро или не“. Тоа не беше ниту прашање“, рече Алексис Ципрас, премиер на Грција.

Наредната средба со Еврозоната е итно закажана за утре, а денеска во Париз, канцеларката Меркел ќе разговара со францускиот колега Оланд за грчката криза. Генералните реакции на челниците од Еврозоната се во рамките на изјавата на нејзиниот претседател Дијселблом дека жали за референдумскиот резултат од гледна точка на иднината на Грција.

„Му кажаа на народот дека ова ќе ги доведе до подобра позиција за преговори. Не верувам дека сега се во подобра позиција. Што е со другите 18 земји и институциите? Време е за владата во Атина, сега треба тие да дадат предлог“, смета Мартин Шулц, претседател на Европскиот парламент.

„Сега Грција треба да донесе одлука, топката е во рацете на Атина“, вели Френк Валтер Штајнмаер, министер за надворешни работи на Германија.

Грција банкротираше кон ММФ неисплаќајќи го долгот од 1,6 милијарди евра, но сега до 20 јули треба да најде 3,5 милијарди за да си ги откупи обврзниците од ЕЦБ за да не прогласи технички банкрот и кон оваа институција. Доколку не успее, тие ќе пропаднат и владата ќе мора автоматски да почне да печати драхми.

 

Ивана Салтировска