Расте поддршката на американските конгресмени за прием на Македонија во НАТО
Триесет и еден американски конгресмен ја потпиша Резолуцијата за прием на Македонија во НАТО на самитот идната година. Бројот на конгресмени коишто ја поддржуваат оваа резолуција и групата за пријателство со Македонија ќе се зголемува во наредниов период...

Се зголемува поддршката на американските конгресмени за прием на Македонија во НАТО на самитот на Алијансата во Варшава идната година. Осум месеци по изборот на 114-тиот состав на американскиот Конгрес, 31 конгресмен се потпиша на Резолуцијата со која се бара итен прием на Македонија во НАТО.
„Многу е добро што ова е по втор пат резолуција, но важно е што се предложи веднаш кога новиот состав на Конгресот започна во јануари, така што досега 31 конгесмени ја поддржаа и се надеваме на поголема и поширока поддршка. Така што имаме време до април, мај следната година, но ние очекуваме побрзо да се изгласа таа резолуција“, изјави Мето Колоски, претседател на Обединета Македонска Дијаспора.
Групата за пријателство со Македонија бележи најголем број на членови.
„Пред се сакам да ја спомнам улогата на Македонците во Америка, коишто активно се вклучија со барање до нивните конгресмени да станат членови на оваа група. Така последниов месец четворица конгресмени се зачленија во оваа група. Сега имаме 24 конгресмени, што е најголем број на членови досега. Започнавме со 18 луѓе на почетокот на оваа година, и шестмина конгресмени одтогаш се зачленија во групата за пријателство со Македонија и со Македонците во Америка“, додава Колоски.
Резолуцијата ќе биде отворена за потпишување најмалку уште една година до самитот на НАТО. Пред одржувањето на самитот, таа ќе биде доставена до американскиот државен секретар Џон Кери и американскиот претседател, Барак Обама.
Со резолуцијата потпишана од 31 конгресмен се бара личен аранжман на американскиот претседател Барак Обама за прием на Македонија во НАТО на самитот во Варшава идната година.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
