Фудбал

Раскошно финале, Американките слават

06.07.2015 11:19

Ванкувер 2015-та беше реприза на финалето од претходното светско првенство. Пред четири години во Германија по изведувањето на пеналите славеа Јапонките, а Американките тагуваа поради лошата среќа. Ноќеска се заврте победничкото тркало на спротивната страна...

Американките одново владеат со женскиот светски фудбал! Во финалето ја совладаа Јапонија со 5:2, ја освоија третата светска титула,зад себе оставија незаборавна фудбалска претстава.

Ванкувер 2015-та беше реприза на финалето од претходното светско првенство. Пред четири години во Германија по изведувањето на пеналите славеа Јапонките, а Американките тагуваа поради лошата среќа. Ноќеска се заврте победничкото тркало на спротивната страна. Карли Лојд, една од трите неуспешни американски пеналџики од Франкфурт се издигна до неприкосновена фудбалска дива на тревникот во Ванакувер. Со три гола, многу рано ги насочи Американките на патот кој води кон пиедесталот.

Своето гол-шоу Лојд го отвори уште во 3-та минута. Две минути подоцна им  предизвика нов шок на збунетите Јапонки. Се надоврза и Холидеј за 3:0, а во 16-та минута одново на сцена е Карли Лојд. Хет-трик за само 13 минути за неочекувани и недостижни 4:0.

Се натаму се сведе на уживање на Американките во победничкиот танц. Навистина, Огими во 27-та минута за момент го прекина. 4:1 беше на полувремето. Автоголот на Џонсон во 52-та минута можеби внесе малку надеж, но само некоја минута подоцна  Хејт го забрза простувањето на Јапонките со ореолот,кој го носеа во изминатите четири години.

Американскиот „сокер“ е одново има највисока светска цена. Тоа е трета титула за САД по 91-та и 1999-та! Отиде во вистинските раце. Американките, во изминатиот месец на фудбалот во Канада, најнапред успешно ја пребродија „групата на смртта“ во која беа Австралија, Шведска и Нигерија. А, потоа без примен гол се искачуваа на исцрпувачкото  нокаут-скалило: Колумбија беше победена  со 2:0, Кина со 1:0, Германија со 2:0.

Американките најдоброто го осатвија за крај. Одиграа антологиско финале против Јапонија, го кренаа пехарот! За цело време, а особено во речавачкиот меч, блескаше 32-годишната Карли Лојд. Немашеникакви дилеми дека ќе биде прогласена за прва  мундијалска дама.

Следниот, 8-ми светски фудбалски самит е закажан за 2019-та година во Франција.