Брисел: Вонредна состојба по грчкото НЕ

06.07.2015 16:30

Грчкиот референдум ги поттикна стравувањата во Унијата дека дека и други земји должници би можеле да го следат примерот на Атина. Брисел закажа вонреден самит на еврогрупата со единствена точка на дневниот ред, како натаму со Грција. Засега е неизвесно дали ваквиот исход може да доведе до излегување на Грција од еврозоната, но се очекува работите да станат појасни во текот на утрешниот ден, кога ќе заседава еврогрупата...

Вонредна состојба во Брисел. Иако потпреседателот на Европската комисија, Валдис Домбровски на денешната прес конференција истакна дека еврото е стабилно, сепак призна дека грчкото НЕ за пакетот мерки на ЕУ предизвика лавина на нови можни отворени прашања, на кои во моментов немаат одговор. Ситуацијата е комплицирана, рече Домбровски.

„Како што  беше  јасно истакнато од претседателот Јункер, од другите институции, Еврогрупата на пример, референдумското НЕ го прави решението на проблемот многу комплицирано. ЕК и понатаму  сака да најде решение, но за да продолжиме ни треба мандат од Еврогрупата. На утрешнот самит ќе бидат одредени опциите, по негативниот одговор на референдумот.  За да бидеме успешни потребно е од двете страни сериозно и одговорно да се посветиме во решавањето на оваа ситуација“, изјави Домбровски.

Дали Грција има иднина во еврозоната без разлика на цената, дали реструктирањето на долгот е клучот на преговорите – ќе објави лично претседателот на ЕК, Жан Клод Јункер утре во Стразбург. Тој денеска ќе одржи конференциски разговор со челниците на Еврогрупата, Еврпската Централна Банка и Европскиот Самит на кој ќе бидат анализирани последиците од референдумот, а воедно отворени и прашањата како да се обезбеди финасиска стабилност и економски раст во Грција.

 

Марина Стојанова- Тонева, постојан дописник од Брисел за МРТ