Тектонски промени на грчката политичка сцена по референдумското НЕ
Грчкото „НЕ“ ја рекомпонираше политичката сцена кај јужниот сосед. Лидерот на опозицјата Самарас и министерот за финансии Варуфакис поднесоа оставки. Ципрас ги пофали гласачите дека направиле храбар чекор, Меркел и Оланд свикаа вонреден самит на Европската унија...

Референдумското „НЕ“ предизвика тектонски промени на политичката сцена во Грција. Кусо по објавени резултити следуваше оставката на лидерот на Нова Демократија и поранешен премиер, Андонис Самарас. Не беше изненадување ако се земе предвид дека неговата про-европска партија беше најгласна во кампањата за гласање со „ДА“ на референдумот и доживеа убедлив пораз.
„Очигледно е дека на нашата голема партија и е потребен нов старт. Од денес, давам оставка од позицијата лидер на партијата Нова Демократија“, изјави Самарас.
Но, изненадувачки и неочекувано е тоа што неколку часови по тримуфот на референдумот, оставка си даде и грчкиот министер за финансии Јанис Варуфакис. Ништо не навестуваше ваков развој на настаните. Варуфакис на својот блог ја објави оставката, објаснувајќи дека некои од членовите на Еврогрупата ставиле до знаење дека претпочитаат тој повеќе да не учествува на преговорите со нив, па оставката ја дава со цел да му ја олесни позицијата на премиерот Ципрас.
„Од утре, Европа, чие срце вечерва бие во Грција, ќе почне да ги лекува своите рани и нашите рани. Денешното НЕ е големо ДА за демократска Европа“, објави Варуфакис.
Вчеравечер на плоштадот Синтагма пак, со часови се славеше не само исходот од рефрендумот, туку и оставката на Самарас.
„Самарас требаше одамна да си даде оставка. Тој донесе катастрофа во Грција и треба да си оди одовде.“
„Сметам дека Самарас е предавник. Тој го потцени нашиот труд да ја смениме состојбата која што траеше шест години и ние тоа повеќе не може да го толерираме“, велат жителите на Атина кои го славеа исходот од референдумот.
Паралелно со прославата, во премиерската палата во непосредна близина на Синтагма, владните министри пристигнуваа на средба со премиерот. Денешниот референдум нема победници и губитници, тој самиот по себе е голема победа, истакна премиерот Ципрас во своето обраќање до нацијата.
„Сакам да се заблагодарам на секого од вас. Ирелевантно на тоа за кога гласавте денеска, од сега сите сме обединети. И наша задача е да сториме се што можеме за да ја надминеме кризата и повторно да ја подигнеме Грција. Да го задржиме националното единство и повторно да воспоставиме социјална коезија и економска стабилност“, изјави премиерот на Грција, Алексис Ципрас.
Ципрас уште еднаш повтори дека народот не му дал мандат за да ги прекине односите со Европа, туку за да ја засили грчката преговарачка моќ со цел постигнување одржлив договор со кредиторите.
Марија Котовска, постојан дописник од Атина за МРТ
