Сите очи вперени во Грција: Светските медиуми за референдумот
Дел од светските медиуми сметаат дека Ципрас иако можеби се чувствува како победник, тој всушност ја загубил земјата и ја загубил Европа...

Референдумот во Грција е тема на денот во сите светски медиуми. Словенечкиот дневен весник „Финанце“ и ја додели новата кратенка „ФЕРОГ“ на Грција, односно Поранешна Европска Република Грција. Грчката страна не ја прифати добро шегата, а тамошните медиуми го пренесоа ова со објаснување дека Словенија алудира на спорот со името со Македонија.
Љубљана и Атина подолго време не се во добри односи бидејќи словенците сметаат дека грците ја искористуваат привилегираната позиција во Унијата на сметка на сите други членки што редовно ги исплаќаат долговите.
Хрватски „Јутарњи лист“ пишува дека грците слават иако не знаат што ги чека понатаму. Ги пренесуваат зборовите на еден жител на Атина кој вели дека народот ќе гладува во секој случај, но дека ќе го сторат тоа достоинствено по вчерашното големо Не.
„Си-Ен-Ен“ наведува дека „Грција чекори по многу несигурен пат да го напушти еврото и да печати своја валута“. Натаму анализира дека на земјата итно и е потребна финансиска инјекција за да може повторно да ги отвори банките и да исплати плати и пензии. Германските медиуми се едногласни во негативните ставови за референдумот.
„Франкфуртер алгемајне цајтунг“ пишува дека „Грците заслужуваат подобро“. Останатите весници сметаат дека Ципрас иако можеби се чувствува како победник, тој всушност ја загубил земјата и ја загубил Европа.
„Зидојче Цајтунг“ пишува дека Атина бргу ќе сфати што направила и дека ќе и преостане само да бара помош од останатите земји од еврозоната. „Ди Велт“, пак, дека еврото е важно за мирот во Европа. Британските медиуми ги следат и реакциите на светските политичари и економистите за можните последици од одбивањето на предлогот на ЕУ и на ММФ.
„Гардијан“го поставува прашањето може ли Грција да остане во еврозоната и Европската Унија воопшто? Француски „Ле Фигаро“ вели дека Грција прави чекор кон излез од еврзоната. „Фајненшал Тајмс“ вели дека Ципрас и неговите колеги ја водат нацијата во катастрофа.
Марина Автовска
