Ципрас и Цакалатос на средба во Брисел во обид да се вратат на преговарачка маса
Народот се изјасни, Ципрас и Цакалотос, во Брисел, со обид да се вратат на преговарачка маса. Вонреден самит на челниците на еврозоната. Грција ќе изложи предлог со економски реформи. Собирот следува, откако двоецот, Меркел- Оланд порача дека вратата за преговори е отворена, и го почитуваат резултатот од референдумот...

Новиот министер за финансии на Грција, Цакалотос и премиерот Ципрас денеска заминуваат за Брисел, со цел да ја задржат земјата во еврозоната. Цакалотос синоќа положи свечена заклетва, заменувајќи го Варуфакис кој рече дека се повлекува за да му помогне на премиерот Ципрас во напорите да постигне договор со кредиторите.
Ципрас вчера имаше состанокот со политичките лидери на кој разговараа за плановите на владата за обезбедување договор со институциите. Според извори на весникот „Катимерини“, премиерот ги информирал своите колеги дека коалицијата ќе предложи договор врз основа на последниот пакет предлози објавен од страна на Европската комисија.
Новоназначениот грчки министер за финансии изјави дека Грција нема да се согласи на неспроведлив договор со кредиторите, без да даде дополнителни детали. Денешниот самит го иницираа францускиот претседател Оланд и германската канцеларка Меркел, а го свика претседателот на Европскиот совет, Туск.
Оланд и Меркел се согласиле дека треба да се почитуваат резултатите од референдумот. БИ-БИ-СИ објави дека се Ципрас очекува да претстави нов предлог за решавање на должничката криза со барање за отпис на 30 проценти од долгот.
Европските дипломати апелираа Атина да состави сериозни предлози бидејќи би можела да банкротира поради доолгот од 331 милијарда евра. Грчките банки ќе бидат затворени денеска и утре.
Претседателот на Еврогрупата, Дијселблум, го повика грчкиот премиер Алексис Ципрас на денешната итна средба да донесе нови конструктивни предлози. Пред Холандскиот парламент, Дијселблум кажа дека без јасен пакет од реформи останувањето на Грција во еврозоната е „многу проблематично“.
Марина Автовска
