До крајот на годината, македонската книжевност ќе биде претставена во Франкфурт, Софија и Истанбул

07.07.2015 11:32

Македонското литературно творештво во изминатите години редовно беше претставено на позначајните меѓународни саеми на книгата...

Со поддршка на Министерството за култура, до крајот на годинава македонското книжевно творештво ќе биде претставено на меѓународните саеми на книгата во Франкфурт, Софија и на саемот во Истанбул.

Меѓународниот саем на книгата во Франкфурт, кој ќе се одржи во периодот од 14 до 18 октомври, е, несомнено, најзначаен меѓународен саем на книгата во светски рамки со застапеност на речиси сите значајни субјекти во издавачката дејност, како и на сите релевантни институции поврзани со издаваштвото, фондови за превод и публикување, национални штандови, библиотеки итн. Република Македонија на  оваа 66-та значајна саемска манифестација ќе ја претставува Здружението на издавачите и книжарите на Македонија од Скопје.

Во периодот од 7 до 15 ноември 2015 година Здружението на албански издавачи и Сојузот на албански издавачи ќе ја претставуваат Република Македонија на  34-тиот Саем на книгата во Истанбул. На оваа најзначајна саемска манифестација во регионот на која присуствуваат издавачи од целиот свет ќе бидат презентирани  дела од најпознатите македонски и албански автори како и дела на автори од другите националности кои живеат во Република Македонија.

По неколкугодишна пауза, од 10 до 15 декември македонската кинижевност ќе биде претставена на Саемот на книгата во Софија. На оваа саемска манифестација, Република Македонија ќе ја претставува Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“.

Македонското литературно творештво во изминатите години редовно беше претставено на позначајните меѓународни саеми на книгата во: Франкфурт, Софија, Москва, Гетеборг,  Лајпциг, Париз, Болоња, Тирана, Белград и Истанбул.