Македонски железници со нови возови од август
Следниот месец во Македонија стигнува првиот од шестте нови патнички возови, произведени во кинески ЦСР Корпорејшн. Возот со три вагони и со капацитет за 200 патници може да развие брзина од 160 километри на час. Во Џуџо, презентација пред македонската делегација. Министерот мисајловски најави дека ќе биде набавена уште една електромоторна и четири дизел гарнитури...

Произведен е првиот електромоторен патнички воз за потребите на МЖ-Транспорт, дел од договорот со кинескиот производител ЦСР од Џуџо за испорака на вкупно шест гарнитури, од кои две електро, а четири со дизел погон. Набавката се врши со дел од кредитот на ЕБРД од 25 милиони евра за обнова на возниот парк.
„Позади мене е еден од новите патнички возови што ќе ги добие Република Македонија. Станува збор за шест нови патнички возови што ќе стигнат до јануари 2016-та година“, изјави Владо Мисајловски– министер за транспорт и врски.
ЦСР спаѓа меѓу најголемите светски производители на локомотиви и патнички гарнитури чии производи се испорачуваат во повеќе од 20 земји. Македонија ја гледаат како почеток на европската експанзија, а новите возови ги исполнуваат и најстрогите европски сообраќајни стандарди. Македонски железници добиваат најсовремени троделни гарнитури, целосно климатизирани, кои поединечно можат да превезат 287 патници.
„Можностите и капацитетот да го зголемиме бројот на патници во Македонија е огромен. Сигурно дека извонредните технички карактеристики и услови ќе овозможат патниците да уживаат во патувањата“, вели Никола Костов- генерален директор на МЖ-Транспорт.
„Македонија е многу важен пазар за нашата компанија поради геостратешката положба на Балканот. Се надеваме дека во иднина ќе имаме и други проекти во вашата земја и во регионот и затоа вложивме многу труд во изработката на овој воз“, изјави Џо Чинх- претседател и генерален директор на ЦРРЦ-ЗЕЛЦ.
Промоцијата на новиот македонски електромоторен воз ја искористи производителот за да го претстави пред јужно-африканските железници чии претставници беа на промотивното возење. Слични возови веќе се испорачани во Малезија.
Свето Николовски, специјален известувач од Џуџо, НР Кина за МРТ
