Вонреден самит: Ципрас и Цакалатос на средба во Брисел

07.07.2015 13:29

Вонреден самит на челниците во Еврозоната. Европските лидери ќе бараат чаре за состојбата во Грција. Народот се изјасни, Ципрас и Цакалотос, во Брисел, со обид да се вратат на преговарачка маса. Се очекува министрите за финансии да добијат нови реформски предлози. Исходот од реферндумот создаде дополнителен јаз меѓу Грција и ЕУ, велат познавачите...

Новиот министер за финансии на Грција, Цакалотос и премиерот Ципрас денеска во Брисел ќе се обидат да ја задржат земјата во еврозоната. Ципрас на вчерашниот состанок со политичките лидери разговараше за плановите на владата за обезбедување договор со институциите. Според извори на весникот Катимерини, премиерот ги информирал своите колеги дека коалицијата ќе предложи договор врз основа на последниот пакет предлози објавен од страна на европската комисија.

Понатаму весникот пишува дека во услови кога грчките банки брзо остануваат без готовина, а Европската централна банка ја стега јамката на финансирање, Ципрас мора да ги убеди европските лидери наскоро да почнат преговори за нов голем заем за спас на земјата.

БИ-БИ-СИ објави дека од Ципрас се очекува да претстави нов предлог за решавање на должничката криза со барање за отпис на 30 проценти од долгот. Лидерите на Германија и Франција, двете главни сили во еврозоната, соопштија дека вратата за договор се уште е отворена, со цел Грција да се спаси од економска криза и да не го напушти еврото.

Но, канцеларката Меркел јасно стави до знаење дека Ципрас треба да излезе со убедливи предлози откако Атина отфрли зголемување на даноците, намалување на трошоците, пензиски и трудови реформи, кои беа на маса пред да истече нејзината финансиска помош минатата недела.

На денешниот самит на Еврозоната, кој ќе почне попладне во Брисел, во прашање е многу повеќе од иднината на Грција. Ако грчките банки снемаат пари и земјата мора да печати свои пари, тоа би можело да доведе до состојба на напуштање на еврото за првпат откако беше воведено во 1999 година.

Во меѓувреме, претставник на ММФ по разговор со директорката Лагард, денеска ја извести Грција дека Фондот не може да и исплати на Атина никакви средства, откако минатата недела не го отплати долгот, но дека и нудат техничка помош на владата.

 

Марина Автовска