Почна 54-от „Балкански фестивал на народни песни и игри“

07.07.2015 14:42

Синоќа во Охрид беше отворено 54-тото издание на „Балканскиот фестивал на народни песни и игри“. Оваа година љубителите на фолклорот од земјата и од странство ќе ги проследат настапите на десеттина ансамбли од регионот и пошироко, кои ќе придонесат за зближување на културите и народите преку фолклорот како најголем репрезент и амбасадор на секоја земја...

Националниот ансамбл „Танец“ синоќа го отвори 54-тото издание на една од најстарите фолклорни манифестации во регионот, Балканскиот фестивал на народни песни и игри. Музиката, фолклорот и игрите се универзална цивилизациска категорија, и се дел од светското културно наследство, рече на отворањето претседателот на македонскиот парламент Трајко Велјановски. Овие вредности претставуваат и значајни елементи кои го дефинираат, чуваат и развиваат националниот идентитет.

„Векови наназад нашите претци знаеле и успеале овие вредности како дел од нашиот национален и културен идентитет да ги зачуваат, развиваат и пренесат на помладите генерации“, изјави Трајко Велјаноски, претседател на Собранието на Република Македонија.

Фестивалот има огромно значење за Охрид не само како културен, туку и туристички центар.

„Иднината на светската цивилизација е во почитување на различностите, меѓусебната соработка и градење на доверба. Овие пораки се уште посилни зашто се упатуваат од древниот Охрид, градот каде што сите цивилизации оставиле свои траги“, рече градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески.

Вчеравечер летната сцена Долни Сарај беше претесна да ги прими сите вљубеници во фолклорот.

„За Охрид голема атракција, го рекламираме градот и сите вакви манифестации се добри за Охрид“, вели граѓанин на Охрид.

До 11-ти јули на Долни Сарај ќе продефилираат десеттина ансамбли кои низ песните, игрите и традициите ќе придонесат за зближување на народите на Балканот.

 

Сашо Нелоски