Топлотен бран низ Европа

07.07.2015 17:03

Пеколните горештини создадоа сериозни проблеми на стариот континент. Повеќе земји го вклучија метео – алармот и излегоа со предупредувања за опасност. Отворени се и посебни телефонски линии...

Топлотен бран во Европа со температура над 40 степени ги натера властите во неколку држави да издадат предупредување за опасност. Во повеќе области во Хрватска се прогласени црвена и портокалова фаза. Лекарите апелираат граѓаните без потреба да не ги напуштаат домовите. Слична е состојбата и во Босна и Херцеговина и Црна Гора. Во Мостар синоќа во 22 часот се измерени рекордни 32 целзиусови степени. Во Париз се преземени специјални здравствени мерки. Отворен е телефон за граѓаните каде што ќе можат да побараат помош од стручни лица. Топлото време предизвикува проблеми. 

„Повеќе од еден час го чекаме возот, поради топлото време се доцни.“

„Во моментов има 40 степени, топлото време ги прави луѓето нервозни.“

Живата на термометарот се искачи над 35-тиот степен и во Велика Британија. Луѓето се разладуваат во локалните паркови и базени. На Вимблдон е воведено „правило за топло време“, што би значело дека тенисерите ќе мора да имаат кратки одмори додека се играат натпреварите. Топлото време ги преполни плажите во Шпанија. Властите прогласија жолта фаза.

„Бидејќи е многу топло уште во 5 часот дојдов на плажа за да се разладам.“

„Старите луѓе најмногу ги чувствуваат последиците од топлото време, не можат да ја регулираат топлината на телото.“ 
Рекордно високи температури и во Германија. Во Баварија се измерени 40,3 степени.

„Секој ден е се потопло, не знам до каде ќе се искачи температурата. Тешко се поднесува топлото време.“

Мало олеснување од пеколните горештини се очекува идната недела.

 

Марија Петковска