Ципрас во ЕП: Сакаме компромис за да се избегне расцепот во ЕУ
Грција, тема и во Европскиот парламент. Обраќање на премиерот Ципрас. Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, рече дека неделава е крајниот рок за постигнување договор и за ставање крај на грчката криза...

Само неколку часови по неуспешниот самит во Брисел, грчкиот премиер Алексис Ципрас, доаѓањето во Стразбур го искористи за да им се обрати на европратениците, поделени како никогаш досега во однос на Грција, што посебно дојде до израз во дебатата.
Додека едни го апалудираа и се ракуваа, другите го исвиркуваа. Ципрас во таа прилика истакна:
„Сакаме компромис за да се избегне расцепот во ЕУ.Ние добивме нмандат за да најдеме трајно и праведно решение со избегнување на замките на минатото, кои ја осудија грчката економија. Ние сакаме чесен компромис за да се спречи расцепот. Сите ние сме свесни за влоговите и сме подготвени да ја преземеме нашата историска одговорност“, рече грчкиот премиер Алексис Ципрас при неговиот говор пред Европскиот парламент.
Во однос на досегашните програми за помош, грчкиот премиер истакна дека-
„Никаде овие програми не беа толку тешки и долги како во Грција. Мојата земја во последниве години стана поле на експериментирање на штедењето. Ние мора да се соочиме со реалноста, но експериментот не успеа.“
Тој се довери дека за „барањето на трајно решение за долгот“ се дискутираше вчера во две средби во Брисел и објасни дека Грција ќе поднесе барање за примена на европскиот механизам за поддршка (ЕСМ) во текот на денот.
Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск предходно јасно истакна дека : Крајниот рок за постигнување договор и да се стави крај на грчката криза е „оваа недела“. „Ние сме во трка со времето да се врати довербата“.
Туск притоа рече дека чека нови предлози од Алексис Ципрас:
„Овие предлози треба да бидат обезбедени во најкусо време“, рече тој. „Нашата неможност да се постигне договор може да резултира со банкрот на Грција и тоа ќе биде многу болно за грчкиот народ. И тоа ќе имапоследици за Европа“, рече претседателот на Советот на ЕУ.
Како заклучок од денешната жестока расправа во Стразбур е дека на Грција и на ЕУ не и останува многу време, тие треба да најдат решение за излез од грчката криза до крајот на оваа недела.
Тони Гламчевски
