Меркел во Белград: Регионот има европска перспектива
Поради подготвеноста на Србија за компромис во дијалогот со Приштина, Белград ќе биде подржан за брзо отварање на поглавјата, изјави Меркел на прес конференцијата, додавајќи дека и целиот регион и понатаму има европска персектива...

Регионалната соработка, економијата и мигрантите беа главна тема на средбата на канцеларката Ангела Меркел со премиерот Александар Вучиќ во Белград. Поради подготвеноста на Србија за компромис во дијалогот со Приштина, Белград ќе биде подржан за брзо отварање на поглавјата, изјави Меркел на прес конференцијата, додавајќи дека и целиот регион и понатаму има европска персектива.
„Ние во 2003-та година на сите земји од Западниот Балкан им ја отворивме можноста за членство во ЕУ. Тоа е состојба која има взаемна корист, како за Западниот Балкан, така и за ЕУ. Во наш интерес е мирот на Западниот Балкан, а членството во ЕУ тоа го овозможува“, изјави канцеларката Меркел.
Целиот регион и натаму има европска перспектива-додаде Меркел, осврнувајќи се на мигрантската криза во регионот.
„Постоечкиот режим кој го имаме во Европа повеќе не функционира. Свесни сме на проблемот со големиот број мигранти што транзитираат. Во ЕУ се дискутира за тоа и никого нема да оставиме сами“, рече Меркел.
Српскиот премиер и се заблагодари на Меркел за нејзината политика на мир во регионот.
„Меркел е клучен играч за стабилизација на односите на Западниот Балкан. Сакам да и се заблагодарам на политиката на мирот и што води грижа за Западниот Балкан и Србија“, нагласи српскиот премиер Александар Вучиќ.
Србија ќе продолжи со политиката на стабилност во регионот- констатираше Вучиќ.
Ова е втора посета на Меркел на Белград. Настанот го следеа околу 70 медиумски куќи и 250 новинари. Посетата продолжува и утре, по што канцеларката Меркел ќе го посети Сараево.
Оливер Бранковиќ, постојан дописник од Белград за МРТ
