По жештините, невреме низ Европа
Најмалку едно лице загина, а 30 се повредени, од кои три потешко во Венеција. Силниот ветар корнел дрвја и оштетил повеќе куќи...

По пеколните жештини, во делови од западот на Европа пустоши силно невреме. Најмалку едно лице загина, а 30 се повредени, од кои три потешко во Венеција. Силниот ветар корнел дрвја и оштетил повеќе куќи. Властите морале да ангажираат два хеликоптери и 19 амбулантни возила за справување со последиците. Во Австрија, температурата нагло паднала за 15 степени. Силен град во Корушка и во Штаерска ги оштетил покривите и ги изрешетал фасадите. Без струја речиси 16 илјади домаќинства.
„Град голем колку тениски топчиња во рок од 15 минути оштети речиси 80 проценти од покривите. Речиси сите згради се уништени, во некои протекува и вода. Оштетени се автомобилите и соларните колектори“, изјави Дитер Моерти, градоначалник на Фрајстриц.
Додека во Хрватска се уште се задржуваат високите температури, пороен дожд ги поплавил патиштата, а силен град оштетил голем број куќи. Метеоролозите најавуваат дека земјата и денеска ќе ја зафати големо невреме. Во Полска, силниот ветар соборил дрвја врз пругите и предизвика хаос во меѓународниот железнички сообраќај.
„Немаме интернет, не знаеме каква е ситуацијата во Полска. Кога ќе стигнеме во Катовице, не знаеме како да продолжиме до Варшава“, вели патник во воз.
Силниот ветар им ги откорнал покривите на 100-тина куќи во германскиот град Мајнц, а има и полесно повредени. Штетата се проценува на повеќе милиони евра, надлежните се сомневаат дека всушност се работело за торнадо.
Ивана Салтировска
