Фудбал

На линијата меѓу желбите и реалноста

09.07.2015 11:22

Ќе најдат ли начин Ренова, Работнички и Шкендија да ја избегнат елиминацијата уште на стартот? Чии шанси се најизгледни?

Нов излез на македонските репрезенти на тешкиот квалификациски пат од Лигата на Европа. Ќе најдат ли начин Ренова, Работнички и Шкендија да ја избегнат елиминацијата уште на стартот? Чии шанси се најизгледни?

Ренова прва истрчува! Со врелиот компир в раце од скопските 0:1, фудбалерите од Џепчиште отпатуваа во Кишињев. Има ли Ќатип Османи сила на тимот и стратегија  да ја изненади  Дачија? Молдавците се претставија во одлично светло во Скопје, како добро уигран состав, со искусни поединци, кој лесно  доаѓаше  во гол ситуација.За Разлика од Ренова, која играше тешко со малку поволности за гол!

Од македонското трио во Лигата на Европа, Работнички е со најголемо искуство. Со успешни прелети кога се во прашање премиерните европски дуели. „Романтичарите“ се сигурни дека против естонската Флора, традицијата нема да биде изневерена. Едногласни се деновиве дека поразот од 1:0 во Талин може да се надомести. Напаѓачкиот тандем Илијоски-Алтипармаковски, потпомогнат од  искусната средна линија е силниот адут на Игор Ангеловски за корекција на резултатот од првиот натпревар.Во 20 часот на Филип Втори Арената, Работнички ќе влезе во реализација на својата цел.

Шкендија, на за секого примамливото британско поднебје, ќе се обиде против Абердин да го потврди прикажаното во Скопје, дека поседува добар играчки материјал. Шкотска е инспиративна фудбалска средина, таму е ценето и дозволено надигрувањето. Стрпливост и балканска итрина или наметнување битка за секоја педа од теренот од самиот почеток, ќе биде стратегијата на тетовчани , на кои  им е потребен најмалку еден гол!Шкендија има тешка натпреварувачка мисија, но и поволност, дека нема што да загуби против шкотскиот моќник, во минатото  и победник во европските купови. Пресметката во Абердин почнува во 20 часот и 45 минути.

Лига на Европа- 1 квалификациско коло:

17.00 Кишињев: Дачија- Ренова (1:0)

20.00 Скопје: Работнички-Флора  (0:1)

20.45 Абердин: Абердин-Шкендија (1:1)