Грандиозен мултимедијален спектакл за старт на „Охридско Лето“

09.07.2015 16:13

Во 40-те фестивалски денови ќе учествуваат ексклузивни уметници од светски ранг. Гостувања и на ансамбли од Европа и од целиот свет, над 30 музички настани, 14 театарски претстави и изложби...

„Кармина Бурана“ на Карл Орф во изведба на светски познатиот ансамбл од Шпанија „Ла Фура Делс Баус“ ќе го отвори 55-то јубилејно издание на престижниот фестивал „Охридско Лето“. 12-ти јули е терминот кога во Античкиот Театар ќе се разлеат звуците на познатата кантата. Во 40-те фестивалски денови ќе учествуваат ексклузивни уметници од светски ранг. Гостувања и на ансамбли од Европа и од целиот свет, над 30 музички настани, 14 театарски претстави и изложби.

„Изминатите фестивалски свечени отворања ги имавме Енио Мориконе, Џеси Норман, Димитри Хоростовски, Симон Трпчевски... каде како гости иамавме ѕвезди, а оваа година понудивме малку поинаков концепт“, изјави Гордана  Јосифова – Неделковска, музички селектор на „Охридско Лето“.

Оваа година организаторите најавуваат грандиозен мултимедијален спектакл, или како што светската музичка критика го најавува „Охридско Лето“- сензационално музичко и театарско витално и енергично шоу.

„Кармина Бурана“ е едно од најмаркантните дела на дваесетиот век, проект на Македонската филхармонија, оркестарот, хорот и балетот на „Македонската Опера и Балет“, а гостин- диригент е Хозе Винцент од Шпанија.

„Чест ми е што сум во Македонија прв пат, особено што станува збор за толку престижен фестивал како што е „Охридско Лето“, високо рангиран во Европа. Изведбата ќе биде извонредна, бидејќи е емотивна и страсна. Зборува за љубовта, довербата и религијата“, вели диригентот Хозе Винцент.

Овој грандиозен спектакл, досега го имаат видено 1.000.000 посетители од цел свет.

 

Александра Перевска