УВ зрачењето- ризик за луѓето
Македонија е во жолта алертна фаза. УВ зрачењето денеска го достигна индексот 9 и е ризик за луѓето, бијдеќи кожата не е имуна на силното сонце. Граѓаните велат дека внимаваат, но докторите апелираат да се избегнува директна изложеност, особено на најмалите кои се и најчувствителни...

УВ зрачењето денеска достигна индекс 9. Оваа вредност за неколку минути може да предизвика изгореници по телото на луѓето со светла кожа- опоменуваат лекарите. Дел од граѓаните предупредувањата ги сфаќаат сериозно и дејствуваат превентино.
„Кожата од сонце најмногу ја заштитувам со тоа што се покривам, не се изложувам на сонце.“
„Само на одмор се заштитувам и пред да појдам на работа некоја крема ќе се намачкам колку да не изгорам.“
„Пред неколку години чувствував јадеж по целото тело, особено деловите на телото што ми беа откриени.“
„Кога не сум внимавала, на пример сега да облечам нешто разголено веднаш ќе се исфрлам“, велат граѓаните кои ги анкетиравме.
За на плажа, лекарите апелираат граѓаните да избегнуваат директна изложеност на сонцето кога тоа е најсилно во периодот од 10 до 16 часот. Кожата да се заштити со лесна памучна облека и крем за сончање. Што ако се случат изгореници?
„Тој дел што е опечен да не биде повторно на отворено, мора во затворен простор да се излекува со или без соодветна терапија во зависност од степенот на опекотината, да се вратите повторно наредниот ден на плажа и црвенилото да се изложи повторно на сонце“, вели прим. д-р Сузана Камберова - дерматолог.
Најчесто кожниот карцином се поврзува со високото УВ зрачење. Само за два месеца во ординацијата на доктор Камберова се дијагностицирани 10 случаи. Во светски рамки за последните 5 децении бројот на заболени е зголемен за 40%.
Лекарите предупредуваат особено да внимаваат младите лица и оние со чувствителна кожа затоа што кај нив негативниот ефект УВ зрацењето е дури за четири пати посилен.
Андријана Атанасовска
