Тема за фудбалска дилема

09.07.2015 17:43

Понекогаш моменталните резултати се влог во иднината. И во тековниот квалификациски циклус се надеваме дека она што ни се случува е фаза кон подобро...

Постојаниот пад на светското рангирање не мора да загрижува доколку се гледа напредок во играта и во концепцијата на македонскиот национален фудбалски состав. Понекогаш моменталните резултати се влог во иднината. И во тековниот квалификациски циклус се надеваме дека она што ни се случува е фаза кон подобро. Причините имаат објективна и субјективна природа, а некои факти посочуваат или нудат тема за сериозна фудбалска анализа.

Македонската репрезентација досега имаше 12 постојани селектори, од нив осуммина Македонци. Прв на клупата седеше Андон Дончевски, кој сега е пензиониран фудбалски стратег. Другите се уште се активни тренери, а од нив во моментов работи само еден - Чеде Јаневски во белгиски Мускрон. Ѓоко Хаџиевски, Драган Канатларовски, Ѓоре Јовановски, Никола Илиевски, Мирсад Јонуз и Бошко Ѓуровски немаат ангажман. Шест од седуммина поранешни македонски селектори коишто се тренерски активни не водат ниту една екипа надвор или дома!!! 

Дали не ги цениме доволно, дали ја надминале нашата фудбалска средина, дали не се толку добри како новите, или е нешто друго? Тоа се отворени прашања. Проблемот е што не сме отворени сите ние за да ја кажеме нашата и да ја прифатиме туѓата вистина. Можеби тогаш фудбалот ќе тргне нагоре!

 

Тони Стојановски